Адвентистичката црква се наоѓа на улица „Пеце Матичевски“ бр. 37, во близина на Националната установа – Универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“, како и во близина на објектите на некогашниот Руски конзулат и на Богословијата.
Објектот е изграден при крајот на XIX век, кога служел како приватен резиденцијален објект. Од архитектонска гледна точка, градбата е спој на еклектичен, неоренесансен и необарокен стил. Адвентистичката црква е меѓу најубавите примероци од ваков тип на архитектура во Битола и поради тоа, тој е прогласен за споменик на културата на Република Македонија.
Црквата на Адвентистите од седмиот ден, претставува христијанска деноминација, која со своите учења, се реформирала и се осамостоила од протестантизмот во Северна Америка во XIX век. Најзначајните доктрини на адвентистите се: славењето на денот сабота како Седмиот ден, дочекување на Второто воскресение на Исус Христос и одржување на Божјиот морален закон. Верниците во своите учења ги ценат семејните вредности, здравјето, воспитувањето, крштевањето и обредот на понизност.
Зборот адвентист потекнува од латинскиот збор „adventus“ и означува празнично доаѓање односно доаѓање проследено со голем пречек. Зборот се користел во Римската Империја, со што се означувал дочекот на императорот во некој град. Во раниот среден век, терминот започнал да се користи и за опишување на дочекот на Исус Христос при неговата посета на одреден град или населено место.
Зборот и понатаму продолжил да се употребува во христијанството. Со поимот адвентист почнале да се нарекуваат лицата кои се обидувале да го „пресметаат“ и предвидат второто Христово воскреснување или доаѓање. Иако адвентистичките гледишта постоеле претходно, сепак црквата на Адвентистите од Седмиот ден станала официјална религија дури во 1863 година.
Адвентистичката црква во Македонија се појавила во 1880 година. Прв кој го проповедал адвентизмот на нашиве простори бил германскиот пастор Андреас Зифрид. На почетокот на XX век, проповедничката дејност во Македонија ја вршел и ерменскиот пастор Гарабет Јерам, кој бил офицер во османлиската армија и лекар. Имено, Зифрид и Јерам се сметаат за основоположници на адвентизмот во Македонија.
Од 20-тите до 50-тите години на минатиот век, значајна улога во адвентистичката дејност во Македонија имал хрватскиот пастор Мирко Кавур. Во тој период значајно се зголемило адвентистичкото население на овие простори, а Адвентистичката црква била најразвиена во Источна Македонија (Струмица, Радовиш) и Скопје. Црквата на Адвентистите од Седмиот ден во Македонија се осамостоила од југословенската во 1993 година.