Хаџи Махмуд-Беј џамија
Хаџи Махмуд-Беј џамија
Хаџи Махмуд-Беј џамија

Хаџи Махмуд-Беј џамија

Градска Прошетка 353 прегледи

Аудио водич

0:00 0:00
Џамијата Хаџи Махмуд Беј била изградена во 1521-1522 година од страна на тогашниот управител на Битола, Хаџи-бег. Џамијата била централен објект во денес единствениот делумно сочуван џамиски комплекс во Старата битолска чаршија, во чиј состав постоел мектеб, библиотека и медреса, која била активна сѐ до 1921 година. Џамијата има два уникатни елементи: конструкцијата на куполата и декоративниот начин на ѕидање.
Џамијата се наоѓа во делот од Чаршијата познат како „Кај Рибарниците“. Таа е прилично голема џамија со основа од 11,50 х 11,50 метри и со масивни ѕидови со дебелина од 1,35-1,45 метри. Изградена е во селџучки стил. Минарето се наоѓа на северозападниот агол на собата за молитва, малку зад внатрешната линија на тремот. Тоа е поставено на полигонална основа и има дванаесет еднострани вратила изградени од редови од тули и камен, но нејзиниот врв настрадал во земјотрес во поново време. На горниот дел од телото на минарето се наоѓа највпечатливата карактеристика на џамијата: „цик-цак“ и шестаголните керамичко-пластични декорации во традиционален селџучки стил. Минариња со таков украс ретко се наоѓаат во отоманската архитектура на Балканот.
Очигледно е дека со релјефните елементи на фасадата, кои содржат многу верски знаци, Хаџи Махмуд Беј, за разлика од Јени и Исак џамија, била џамија на одбрани и посветени, на свештени лица кои аскетски ѝ се посветувале на верата, пронаоѓајќи ги тајните значења на Куранот и на суфистичката филозофија воопшто. Сместена во срцето на битолската чаршија, каде што се одвивал севкупниот живот и неговата динамика, имала исклучително важно значење. Таа била и просветителски, образовен дом и своевидна институција. Таа била место каде што се решавале филозофските, правните и поучните клучни теми за животот.
Хаџи Махмуд Беј била одреден поттикнувач на хуманизмот и толеранцијата меѓу многубројното и национално разновидно население на Битола. Оваа џамија била и место каде што започнувале да се образуваат најзначајните свештени лица и поети кои често потоа заминувале во Истанбул и станувале истакнати личности во престолнината на Отоманската Империја. Местото на оваа џамија било главното собиралиште на турското, еврејското и македонското население, без оглед на многубројните синагоги и цркви. Всушност, во овој дел на градот, благодарение и на овој објект, започнал да се развива битолскиот космополитизам, нешто што денес е со исклучително значење во Европа и во светот.
Почнувајќи од 2019 година, во тек е реставрација на џамијата и на дел од нејзиниот комплекс.
Сподели: Facebook Twitter