„Рускиот крст“, односно „Крстот на Ростковски“ е споменик во форма на православен руски крст и се наоѓа во Градскиот парк, на местото каде што бил убиен конзулот Александар Ростковски. Денешниот Крст бил изработен во 2003 година, во близина на местото каде порано се наоѓал оригиналниот споменик.
Александар Аркадиевич Ростковски бил руски дипломат, познат по неговиот избувлив темперамент и доследен карактер. Ростковски бил роден во Одеса во 1860 година. Дипломатската работа ја започнал како секретар на Руското конзулство во Бугарија, а потоа бил и секретар во градовите Ерусалим, Јанина и Бејрут. Работел во Софија од 1884-1885 година, а во 1894 година станал вице-конзул во Бриндизи, Италија.
Неговото конзулство во Битола започнало во 1895 година. Додека престојувал во Македонија тој се соочил со проблемите кои ги доживува православното словенско население. Поради тоа тој се залагал за зголемување на правата на тие кои ги нарекувал Македонски Словени. Наскоро станал и дел од македонската борба за слобода и еден вид гласник на револуционерните движења во Македонија. Често пишувал за состојбата во Битолскиот вилает и праќал писма до руската влада, од која очекувал да испрати помош.
За време на настап во Руското географско друштво во Санкт Петербург во 1897 година, Ростковски се запознал со Крсте Петков Мисирков, со кој станал добар пријател.
Поради неговиот фанатизам и опсесија во решавањето на состојбата во Македонија, Ростковски наишол на голем број непријателства. Тој претрпувал закани од страна на османлиските власти, а од страна на руските тој бил критикуван заради непослушност и несериозност во својата работа. Во еден период дури и македонските револуционери му планирале атентат, со цел да се ослободат од неговото мешање во нивната работа.
Еден ден, заедно со Мисирков, тргнал од неговиот дом во селото Буково на прошетка во Битола. Кога стигнал на влезот на градот, кај Градскиот парк, Ростковски го поздравил тамошниот османлиски стражар, а стражарот не го отпоздравил. Поради тоа, рускиот конзул започнал кавга, која ја прекинал стражарот со тоа што го застрелал. Александар Ростковски бил убиен во летото 1903 година, а неговото убиство започнало скандал, кој бил решен со смртната казна на неговиот убиец.
На местото каде што бил убиен, во 1913 година српските власти му изработиле спомен-обележје. Потоа во 1936 година изградиле споменик сличен на денешниот Крст, кој се наоѓал на другата страна на улицата и бил малку повисок. Оригиналниот бил срушен во 1948 година за време на Резолуцијата на Информбирото.