Паркот „Нузхетие“

Градска Прошетка 343 прегледи

Аудио водич

0:00 0:00
Паркот „Нузхетие“ бил најсимпатичниот парк во градот Битола. Се наоѓал на местото кај денешните градби на ОСМУ „Д-р Јован Калаузи“, Технички факултет и автобуската станица „Транскоп“. Нузхетието било уште едно дело на валијата Абдул Керим-паша. Познато е дека тој лично го избрал местото и дал сугестии како да биде испланирано и уредено.
Освен како „Нузхетие“, било познато и под неколку други имиња. По Младотурската револуција било „Итаат“, кога станало омилено место за состаноци на Младотурците и за нивни средби со делегации од балканските држави. По Балканските војни тој станува „Парк Абдул Керим“, во чест на нејзиниот творец. Меѓу двете светски војни било „Терпс“, а по Втората светска војна било прекрстено во „Народен парк“.
Паркот се оформувал паралелно со градењето и уредувањето и на Тумбе Кафе. Првичната намера на Абдул Керим-паша при изградбата на паркот „Нузхетие“, била да ги реши тешките проблеми со тамошното мочуриште. Од мочуриштето се ширела неподнослива смрдеа и претставувало извор за погубната маларија за војниците од блиските касарни, но и за околното население. Исто така оваа површина била неугледна за тогашното шеталиште и јужен влез во градот.
Паркчето било едно добро уредено, привлечно место за престој. Тоа било обградено со столбови, уредени биле неколку патеки, биле посадени дрвја, а имало и шадрван, кој служел за разладување. Наскоро, шадрванот прераснал во многу симпатичен киоск. Во него се собирале офицерите во попладневните часови во слободното време, а истиот се користел и за прослави како што било прогласувањето на новиот устав за време на Младотурската револуција. Неколку години подоцна, српските власти продолжиле да го облагородуваат паркот, придававајќи му и нови содржини во кои спаѓала и новата кафеана, со цел граѓаните да имаат прекрасно место за одмор и шетање. Непосредно по ослободувањето, своите популарни точки таму ги изведувал Битолскиот циркус.
Меѓутоа, во 1930-тите години, на теренот каде претходно османлиските војски ги изведувале своите вежби и тренинзи, никнал Градскиот парк. Тој бил поголем и попримамлив за битолските граѓани и други посетители. Поради таквата конкуренција, паркот „Нузхетие“ бил сѐ помалку и помалку посетуван. Најпосле, на тоа место беа изградени објектите на средното медицинско училиште, ДУД „Мирка Гинова“, Техничкиот факултет и други градби, а од паркот „Нузхетие“ останаа само уште три помали паркчиња, чија посетеност денес е многу ретка.
Сподели: Facebook Twitter