Стариот театар во Битола бил на местото пред сегашниот Дом на култура, на плоштадот Гоце Делчев. Првобитното решение било наводно темелно реновирање, кое никогаш не се применило.
Првата театарска зграда во Битола е изградена по наредба на битолскиот валија Абдул Керим-паша. Објектот го изградил на местото на стари турски гробишта, и покрај големите негодувања на локалното турско население. Нејзината изградба траела долго, од 1897 година, кога се поставени темелите, до 1906 година. Во 1908-1909 година била завршена и сцената.
Зградата била користена за сите видови приредби, од естрадни и циркуски до театарски. Првиот професионален театарски ансамбл во неа работел од 1910 до 1912 година, кога објектот бил уништен во пожар. Потоа театарските претстави се одржувале на повеќе локации во градот, најчесто во хотелот „Гранд Америка“. Од крајот на 1913 до 1915 година во Битола функционирало „Градско позориште“, професионална трупа составена од некогашните патувачки актери, кои претставите ги играле на српски јазик. Воените операции околу Солунскиот фронт ја преќинале активноста на оваа трупа во Битола. Во 1915 година трупата се префрлила во Солун, па во Воден.
Втората фаза во развојот на институционалната, професионална театарска дејност во Битола е датирана од 1918-1929 година, кога, со променлив успех, повторно функционирало српското „Градско позориште“. На местото на изгорениот турски театар во 1926 година била подигната нова театарска зграда. Во периодот од 1926-1929 година театарот постојано, недоволно субвенциониран од државата, функционирал како организациски дел на скопскиот театар. До почетокот на Втората светска војна во Битола биле активни уште неколку театарски трупи, коишто претставите ги изведувале на српски јазик, додека скопското Народно позориште „Краљ Александар Први“ постојано и задолжително гостувало со речиси сиот свој репертоар.
За време на Втората светска војна во Битола работел бугарскиот театар (најпрвин како полупрофесионален, а од 1943 година како професионален). Истовремено, во градот функционирале и повеќе аматерски и полупрофесионални дружини, организирани по училиштата. Веднаш по Ослободувањето, во Битола била организирана интензивна театарска дејност. Професионалниот театар со работа официјално започнал на 14. ноември 1944 година, изведувајќи ја едночинката на Владо Малески „Петтоимениот Ѓоре“. Овој датум се смета за ден на основање на Народниот театар Битола.
Објектот на Народниот театар од 1926 година, бил срушен во 1980 година и на негово место бил изграден денешниот Дом на култура.