Железничката Станица
Железничката Станица
Железничката Станица

Железничката Станица

Градска Прошетка 403 прегледи

Аудио водич

0:00 0:00
Железничката станица во Битола се наоѓа во близина на Градскиот парк. Таа била изградена во 1894 година, заедно со пругата од Битола до Солун, со цел побрзо да се одвива размената на стоки и развојот на трговијата во овој дел од Османлиската Империја.
Работите на станицата и на пругата почнале во 1891 година, а во 1894 година биле завршени и свечено предадени во употреба. Железничката врска од Солун до Битола станала важен фактор за развитокот на градот и регионот. Преносот на стоки од пристаништето во Солун до внатрешноста на европскиот дел од Османлиската Империја се забрзало. Жителите се запознавале со европски стоки, а производите од домашните земјоделци и сточари можеле да се пренесуваат и продаваат во други региони. Исто така и армијата имала голема корист од оваа врска за брзо пренесување на трупите, воен материјал и оружје.
Првото железничко поврзување во просторот на Македонија се случил во 1873 година кога била воспоставена железничка врска меѓу Солун и Скопје со „Ориенталната железница“. Идејата за трансмакедонска железничка линија постоела уште од 1850-тите години, додека пак, во јануари 1859 година бил потпишан Меморандум за изградба на пруга со која ќе се поврзат Солун и Битола.
Во 1890 година отоманската Висока порта ѝ дала концесија на „Дојче Банк“ за изградба на пруга како огранок од „Ориенталните железници“, со можност за понатамошно продолжување до албанското крајбрежје. Била формирана „Отоманската железничка компанија Солун-Битола“ чие седиште било во Цариград. Изградбата на пругата била тешка работа заради својата ридеста и планинска конфигурација. Најголем предизвик била висинската разлика меѓу станиците Воден (31 метар надморска висина) и Бладова (481 метар надморска висина) на далечина од само 12 км воздушна линија. Исто така биле изградени и 13 тунели и неколку вијадукти.
Во 1911 година, со воз од Солун во Битола пристигнал султанот Мехмед V Решад. По завршувањето на Втората балканска војна, најголемиот дел од пругата ѝ припаднал на Грција, а Србија добила само 17 километри. За воените транспорти на Солунскиот фронт, во 1916 година била изградена теснолинејка која ги поврзувала Битола со Градско. Во 1919 година била пуштена пругата со тесен колосек на релација Градско – Прилеп – Битола. Дури во 1931 година Битола со пруга од нормален колосек се поврзала со Прилеп и со Скопје.
Сподели: Facebook Twitter