Куќата на Челебон Франко
Куќата на Челебон Франко
Куќата на Челебон Франко

Куќата на Челебон Франко

Градска Прошетка 357 прегледи

Аудио водич

0:00 0:00
Куќата на Челебон Франко е уште еден прекрасен објект кој припаѓа на еврејското наследство во градот Битола. Се наоѓа на улица „Рузвелтова“ бр. 10, во близина на Пионерскиот дом.
Во оваа куќа живеел некогашниот богат еврејски трговец Челебон Франко. Тој припаѓал на побогатите сефардски Евреи во градот, кои пред Втората светска војна ги имало помалку од сиромашните. Челебон, заедно со својот брат Јосеф, поседувале дуќан кој бил една од најголемите текстилни продавници за штофови и свила во Битола. Се наоѓал наспроти Безистенот, во близина на местото каде што се наоѓала и еврејската синагога Ла Хавра. Денеска синагогата не постои, но топонимот се задржа и местото денес е познато како „Кај Аврата“. Според некои податоци, браќата Франко поседувале и други дуќани за текстил во Старата битолска чаршија.
Челебон Франко својата куќа најверојатно ја изградил во периодот меѓу 1932 и 1934 година. Градбата е составена од приземје и подрум, и двете со по 14 соби. Од надворешниот раскош посебно се истакнуваат прозорците со нивните дрвени ќепенци, како и пластичните орнаменти на фасадата.
Во 1943 година, Челебон и Јосеф Франко со своите фамилии биле депортирани во Треблинка од страна на фашистичките окупатори. Пред да биде депортиран, Челебон доживувал секакви закани од страна на бугарската власт во врска со неговите дуќани. Тој дури и бил обвинет дека се потрудил да си подметне пожар во големата продавница кај Аврата, за да бара пари за оштета од државата. По депортирањето на фамилијата Франко, нивните дуќани биле ограбени од бугарската држава.
По Втората светска војна, во објектот подолго време живеел друг Евреин, познатиот интернист д-р Хаим Абраванел. Неговото име, заради посебните заложби што ги дал во развојот на здравството во Битола, од 2018 година, го носи Домот за народно здравје во Битола. На сосема регуларен начин, нов сопственик на овој објект ќе стане Киро Алексовски, во кој ден-денес живее неговото семејство.
Сподели: Facebook Twitter