Куќата на Бебека
Куќата на Бебека
Куќата на Бебека

Куќата на Бебека

Градска Прошетка 490 прегледи

Аудио водич

0:00 0:00
Куќата на Бебека се наоѓа на Широк сокак, наспроти Католичката црква, односно меѓу фурната на Паско и куќата на Чукалка. Денес оваа градба претставува конзулат на Србија, Романија и Албанија.
Оваа куќа почнал да ја гради еден од најпрвите битолски гинеколози, Михајло Замаули, на почетокот на 20 век. Тој со ќерката Марика, сопругата Василики и нејзината мајка Катерина, живеел во куќа со овоштарник на денешната улица „Пеце Матичевски“. Меѓутоа, Василики наследила некоја стара куќа на Широк сокак. Михајло решил да го сруши тој објект и да ја изгради денешната куќа. Во новиот дом тој планирал да формира поголемо семејство и да отвори своја ординација. Меѓутоа, во 1917 година ненадејно починал и куќата кратко време останала недоградена.
Василики и Катерина не се откажале од сонот на Михајло да изгради раскошна куќа на Широк сокак. Сопругата на Замаули, заедно со својата мајка, продале голем дел од нивните највредни предмети и зеле кредит од банка за да ја доизградат. Успеале да ја изгрдата и Широк сокак бил украсен со уште еден прекрасен објект.
Долниот дел на куќата, каде Михајло сакал да отвори своја ординација, бил преадаптиран во голем ходник во кој неговото семејство одржувало разни манифестации. Потоа истиот дел бил претворан во продавници. Од наемот на продавницте, семејството Замаули обезбедувало голем дел од својот приход.
Василики се занимавала со необичен занает. Таа везела со природна коса. И ден денеска, некои од нејзините творби се сѐ уште зачувани. Нејзината ќерка Марика се омажила на 20 години за Христо Милошев, богат адвокат од Охрид. Тие продолжиле да живеат во оваа куќа сѐ до Втората светска војна. По војната, објектот бил национализиран и семејството ги изгубило правата на оваа куќа, како и на стариот дом со овоштарникот. Христо и Марика продолжле да живеат тука, но само во две простории на приземјето.
По 55 години, на почетокот на 21 век, куќата му била повторно вратена на семејството Замаули, но тогаш во куќата живела Нада Бебека, чие име го наследила и оваа куќа. На југоисточната страна на куќата на Бебека, веднаш над фурната на Паско, во 2004 година е поставен сончев часовник, со што оваа раскошна градба добива уште еден украс, а Битола уште еден часовник.
Сподели: Facebook Twitter