Куќата на фамилија Шуплиновски
Куќата на фамилија Шуплиновски
Куќата на фамилија Шуплиновски
Куќата на фамилија Шуплиновски
Куќата на фамилија Шуплиновски

Куќата на фамилија Шуплиновски

Градска Прошетка 376 прегледи

Аудио водич

0:00 0:00
Куќата на семејството Шуплиновски се наоѓа покрај реката Драгор, веднаш до Мојсов мост. Тој ја поврзува куќата со влезот во Старата чаршија наречен „Кај синџирот“. Изградена е во периодот од 1897 до 1904 година. Неа ја подигнале двајца браќа од село Буф, Егејска Македонија, откако се вратиле од печалба во Америка. Градежниот материјал за изградба на куќата браќата го донеле од Солун и ден денес на некои од тулите, ќерамидите, шините и гредите се чита дека биле произведени таму.
Семејството на браќата било многу големо и во куќата живееле 36 лица. Меѓутоа, во 1920-тите години, целото семејство се разболело од некоја болест и во рок од неколку месеци починале скоро сите. Единствено „куќната чума“ ја преживеало едно мало девојче кое било земено и чувано од некои нивни семејни пријатели од Скопје. Тие куќата ја продале на Алексо Шуплиноски, општински инспектор од село Тополчани и татко на писателката и псевдоисторичарка Ангелина Маркус.
Алексо куќата ја купил за многу евтини пари од посвоителите на преживеаното девојче. Тој во куќата отворил хотел и деловен простор со канцеларии. Канцелариите извесен период пред Втората светска војна биле користени како еврејско училиште. Во текот на Војната, во куќата бил сместен Бугарскиот участак. После ослободувањето, Алексо Шуплиноски дознал за законот за националзација и еден дел од куќата го срушил намерно за да ја намали квадратурата. Меѓутоа не успеал да ја спаси својата куќа, која била одземена од тогашните власти во 1949 година. По голема афера и семејна трагедија, Алексо починал и неговото семејството се преселило во Скопје.
По преселувањето на семејството Шуплиноски, во куќата живеел некој офицер на ЈНА со своите две ќерки. Потоа куќата ја купила Риза Стојановска, која во 1960 година, пак, ја продала на Јордан Паскоски од село Обршани. Таму сега живее семејството Јосифовски кое за прв пат од нејзиното градење ја реновирало во 2003 година.
Сподели: Facebook Twitter