Куќата на Ѓорге Економо
Куќата на Ѓорге Економо
Куќата на Ѓорге Економо
Куќата на Ѓорге Економо

Куќата на Ѓорге Економо

Градска Прошетка 363 прегледи

Аудио водич

0:00 0:00
Куќата на Ѓорѓи Иконому, познат и како Ѓорѓе Економо, се наоѓа на плоштадот Магнолија. Денес во неа се сместени ресторанот „Грне“ и „Вино бар Буре“. Овој објект некогаш имал голем двор, чија ограда достигнувала до почетокот на Широк сокак. Во неговиот двор, кој опфаќал една третина од денешниот плоштад, имало едно дрвце – магнолија, по кое подоцна плоштадот го добил своето име.
Економо бил еден од најбогатите трговци и лихвари во регионот на крајот на 19 и почетокот на 20 век. Имал толку многу голема финансиска моќ, што дури и успевал да ѝ дава заем на османлиската војска. Куќата ја изградил во втората половина на 19 век. На крајот на тој век, тој решил да ја издава куќата и во објектот бил сместен Австроунгарскиот конзулат.
Економо доживеал длабока старост. Починал на 90 години во 1934 година. Со сопругата Доминика биле погребани во гроб изработен од скап мермер, што се наоѓа во Буковските гробишта. Денес семејството нема потомци во градот, но се претпоставува дека тие живеат во Грција, и тоа во градот Солун. Таму има адвокатска фирма која ја води семејство Економо, кои можеби е роднинско семејство на некогашниот битолски трговец и богаташ.
Објектот работел како конзулат до 1916 година кога бил напуштен од австроунгарското претставништво. Тогаш градбата била прогласена за дом на српскиот престолонаследник, принцот Александар Караѓорѓевиќ. За време на Втората светска војна куќата била сосема напуштена, а по војната требало да биде срушена како дел од Пекмез Пазар. За среќа, објектот „преживеал“, меѓутоа неговата ограда и двор биле уништени.
Куќата на Економо потоа била одземена од државата и станала сопственост на Народни имоти. Во неа биле сместени неколку семејства. На крајот на 20 век, во објектот била отворена стоковната куќа „Магнолија“, а потоа и Рускиот конзулат. Денес, како што кажавме, тука се наоѓаат ресторанот „Грне“ и „Вино бар Буре“. Пред неколку години, веднаш пред куќата беше посадена нова магнолија, како симбол на плоштадот и на некогашниот раскошен двор на куќата на Економо.
Сподели: Facebook Twitter