Kуќата на Диковци
Kуќата на Диковци
Kуќата на Диковци

Kуќата на Диковци

Градска Прошетка 355 прегледи

Аудио водич

0:00 0:00
Куќата на Диковци, всушност, претставува две споени раскошни куќи со идентична фасада и еднакви димензии. Поради тоа, двете градби најчесто се спомнуваат како една куќа. Објектите се наоѓаат на Широк сокак, меѓу маркетот „Веро“ и денешните објекти на Францускиот и Турскиот конзулат.
Историјата на овие градби започнува откако браќата Алексо и Методија Дикови се вратиле од печалба во Америка и според модели и план инспирирани од градбите во Австрија, ги изградиле двете куќи во 1928 година. Мебелот и фасадните орнаменти, меѓу кои и карактеристичните човечки скулптури на влезовите, биле донесени од Австрија. За изградбата на куќите, за првпат се употребило варено дрво, додека пак, внатрешните ѕидови биле насликани од кичевски зографи. Зад куќите се наоѓал голем двор, во кој одредено време Диковци чувале и пауни.
Браќата Диковци биле многу млади кога заминале на печалба во Америка. Најмладиот од тројцата браќа, Сотир, имал само 12 години. Тој се запишал на училиште и останал да живее во Америка до крајот на својот живот. Постарите, Алексо и Методија, се вратиле во Битола и отвориле пилана во близина на местото коешто денес го знаеме како „Кај Ајчо“. Тие се занимавале со трговија со трупци и од парите што ги спечалиле од бизнисот и од прекуокеанската печалба ги изградиле своите куќи.
Најголемиот дел од животот, браќата Диковци со семејствата го живееле во левата куќа, а десната скоро и не ја користеле. За време на Втората светска војна во десната куќа живеелео семејството Калиновци. Потоа таа куќа била купена од судијата Ѓорѓи Димитровски.
Интересно е тоа што синот на Алексо, Борис, бил војник во Српската кралевска гарда, а неговата ќерка Ленче, пак, била партизанка. По ослободувањето, Ленче им наредила на својот татко и на својот стрико да го поделат богатството со партизаните, но тие тоа го одбиле. Поради тоа, Ленче ги протерала Алексо и Методија од куќата и двата браќа лежеле во затвор две години. Неколку месеци откако биле пуштени на слобода во 1947 година, и двајцата починале.
Во куќите потоа биле сместени партизани, а во мал дел од десната куќа продолжил да живее Ѓорѓи Димовски. Семејството Диковци повторно станало сопственик на куќите во 1957 година. Денеска, овие две раскошни куќи се едни од најубавите градби кои го украсуваат Широк сокак и градот Битола.
Сподели: Facebook Twitter