Стоковната куќа на Славко Патче се наоѓа во центарот на градот, на Широк сокак, веднаш до Католичката црква, десно од неа. Денес битолчани оваа куќа ја знаат како казиното „Винер“ или како левиот дел на кафе барот „Симбол“.
Стоковната куќа, заедно со уште неколку објекти до неа, ја изградиле француски мајстори на почетокот на 20 век. Куќата била дел од една целина. Всушност, подрумите на објектите од оваа страна на Широк сокак биле поврзани еден со друг. Притоа, можело од оваа куќа да се стигне до плоштадот „Магнолија“ преку неколкуте подземни тунели.
Куќата е во крем, бледожолта боја и е скромно декорирана со пластични украси. Најмногу се издвојуваат двата балкони со сталактитна декорација во вид на пердуви под секој од нив, но и полукружните прозорци што се наоѓаат на покривот на куќата.
Славко Патче бил важен член на еснафот трговци. Со неговото семејство, на почетокот живеел кај Стара болница, меѓутоа успеал да ја купи оваа куќа од некој Турчин. Кога се преселиле во неа, Славко куќата ја поделил на два дела, слично како што е поделена и сега. Во едниот дел тој живеел со семејството, а другиот дел го преадаптирал во мала стоковна куќа. Во стоковната куќа Патче продавал облека, предмети за домаќинство, ѕидни и рачни часовници, радија и друго. Во куќата се продавал и накит, а и предмети од злато што најчесто биле купувани од конзулите и од побогатите битолчани.
Патче работел дури и за време на Втората светска војна. Во една пригоа, Славко го криел Стив Наумов од непријателските војски, токму во оваа куќа. Исто така, за спомен, Славко на Стив Наумов му подарил едно радио. По завршувањето на војната, стоковната куќа била национализирана од државата, а брзо потоа Славко завршил в затвор. И покрај помошта што им ја пружал на партизаните, тој бил уапсен заради тоа што наводно бил воен профитер и богаташ.
По долго време малтретирање и закани, тој бил ослободен. Од некогашен успешен и богат трговец, станал обичен работник во „Кожарата“. И покрај сѐ што му се случило, Славко Патче живеел нормален живот со своето семејство, сѐ до 1980 година, кога починал. По неговата смрт, неговата куќа станала објект со канцеларии на ЗИК „Пелагонија“ и берберница.