Аптеката на Ахил Чаловски била една од најмодерните и најдобрите аптеки на своето време во Битола. Нејзината архитектура и ден денеска се издвојува меѓу „Рибарниците“ и го украсува кејот на реката Драгор во овој дел од Старата чаршија.
Првите модерни аптеки на Балканот биле отворени во 1840 година, и тоа во Битола и во Солун, и биле во сопственост на странски аптекари од Западна Европа. Најголем дел од лековите дотогаш се приготвувале локално, но во средината на 19 век започнал увоз на лекарства од развиените европски земји, особено од Англија. Во Битола, која во тој период била важен административен и воен центар, се развивала и аптекарската дејност и веќе во 1914 година градот имал 14 аптеки, меѓу кои и таа на Ахил Чаловски.
Ахил Димитријевиќ Чаловски бил роден во Битола во 1887 година. По завршената гимназија, студирал аптекарски науки на Американскиот универзитет во Бејрут, а дипломата ја стекнал пред испитната комисија од професори на Медицинскиот факултет во Цариград. По положениот испит, стекнал титула аптекар на 7 септември 1910 година.
Истата година тој се вратил во Битола и ја основал својата прва аптека која се наоѓала од другата страна на реката Драгор, до некогашната пивница „Балкан“. Во неговата аптека работел и неговиот брат Петар како помошник, а прегледи вршеле д-р Дракопулос, кој бил воен лекар, и д-р Продром Папа Симеон.
Во 1916 година, за време на Првата светска војна, Ахил бил интерниран во Бугарија. Со аптеката продолжил да работи неговиот брат Петар кој немал квалификации како Ахил и немал титула аптекар. Меѓутоа, поради тешкиот период во кој се наоѓало населението, нему му било дозволено да управува со аптеката. После Војната, дозволата на Петар Чаловски му била одземена, а градбата на првата аптека била многу оштетена од бомбардирањата.
Ахил се вратил во Битола во 1921 година и повторно ја отворил аптеката. Во 1926 година ја преместил во објектот кај „Рибарниците“. Во неа работел сѐ до своето пензионирање. Ден-денес, во самата зграда сѐ уште опстојува аптека, којашто во својата внатрешност ја има задржано автентичноста од некогашната аптека „Вера” на Ахил Чаловски.