Пионерскиот дом „Трајче Магловски“ бил културно-образовен центар, формиран во повоените години. Градот Битола го формирал пионерскиот дом со цел да ги образува, воспитува, социјализира и воздигнува креативните способности на децата во нивното слободно време. Него го посетувале многу ученици и пионери кои членувале во разни образовни секции, музички групи и спортски тимови. Најдобрите членови се испраќале на разни натпревари на републичко и сојузно ниво, а тие често се враќале со високи пласмани. Тука се учеле првите ноти, англиски зборови, сообраќајни знаци, спортски игри, а се откривала и магијата на црно-белата фотографија.
Првиот пионерски дом бил сместен одзади стариот театар, во близина на ОУ „Гоце Делчев“. Зградата на стариот пионерски дом (одземен и национализиран имот на фамилијата Бојаџиевски), била срушена кон крајот на 70-тите години на минатиот век. Секциите и забавните активности за учениците се преместиле во новиот пионерски центар на ул. „Рузвелтова“, кој сега е објект во сопственост на Еврејската заедница од Скопје.
Во Битола, со денационализацијата, на Еврејската заедница требало да им бидат вратени околу 170 објекти од кои сега повеќето се наоѓаат под надлежност на Јавното претпријатие за стопанисување со станбен и деловен простор. Меѓу тие градби бил и Пионерскиот дом, кој неколку години бил запоставен и руиниран. Во 2005 година, Еврејската заедница од Скопје започнува со негово реновирање и адаптирање, при што во тек се повеќе градежни операции (изградба на ограда, капија и сл.) преку кои објектот е целосно заштитен. Тогаш од еврејската заедница посочуваат дека објектот треба да служи за културни цели, со што тој би можел да стане собиралиште на дејци, но до ден денес тоа не е реализирано.
Во дворот на Пионерскиот Дом се наоѓа статуата на младиот пионер Трајче Магловски, дело на битоласкиот вајар Сотир Димовски. Трајче Магловски бил партизански курир и учесник во НОБ по потекло од село Смилево. Бил ученик во битолската Гимназија. Во една негова мисија тој бил пресретнат и застрелан од Перо Пачата, Македонец соработник на бугарската фашистичка војска во село Лавци.