Исак Џамија
Исак Џамија
Исак Џамија

Исак Џамија

Градска Прошетка 394 прегледи

Аудио водич

0:00 0:00
Кади Исхак Челеби џамија, позната како Исак-џамија или Исхакија, се наоѓа на левата страна на реката Драгор, во близина на денешните објекти на ЈП „Стрежево“ и ДТЦ „Шехерзада“.
Џамијата била подигната во 1508-1509 година како задужбина на кадијата Исхак Челеби. Според хронограмот над влезната врата, изградбата на џамијата, Исхак Челеби ја порачал откако се преселил од Солун во Битола во 1506 година. Тој во Битола успеал да изгради и медреса, мектеб, 103 дуќани, лозја, 20 воденици и други објекти. За нивно одржување, тој востановил две вакуфнамиња со 300.000 златни дирхеми.
Џамијата припаѓа на последната фаза на едренскиот ран османлиски стил и на првите фази на класичниот османлиски стил. Молитвениот простор е со квадратна основа од 14,52 метри на 14,52 метри. Неговата купола е поставена на тамбур, со која Исак-џамија достигнува височина од 26 метри. На северната страна бил дограден затворен трем со по два реда куполи под едносливен покрив, по примерот на црковните нартекси наречени „лити“. Исак џамија има едно минаре кое е високо 45 метри.
Оваа џамија била неколку пати уништувана. Стариот трем бил опожарен од гром, додека пак, минарето било двапати урнато. Денешниот трем е изведен од дрво и е украсен со четири еднакви столбови. Внатрешниот дел е украсен со богато сликана декорација и штуко-декорација на тромпите и на михработ.
Надворешниот дел денес е обновен и претставува голем двор, еден вид паркче, со фонтана, чешма и клупи. Покрај улицата, на североисточната страна од џамијата, се наоѓа гробот на Исхак Челеби, кој тука бил погребан во 1512 година.
Иако со своите димензии слични на Јени џамија претставува монументален објект со импозантни решенија и волумени, сепак е храм на духовна повлеченост. Исак-џамија е храм, кој повеќе бил посветен на книжевните толкувања на Куранот од страна на дервишите и верските лица, за разлика од Јени џамија, која била објект со масовни посети и верски ритуали во контекст со секојдневниот живот на населението.
Имајќи предвид дека многу битолски џамии веќе не постојат, меѓу кои и првата, џамијата Сунгур Чауш-бег од 1435 година, може слободно да се каже дека Исак-џамија е најстарата сѐ уште зачувана џамија во Битола.
Сподели: Facebook Twitter