Панче Васков, познатиот „херој на сиромашните“ бил лекар кој живеел во Битола на почетокот на 20 век. Куќата во којашто тој престојувал и работел е објектот на Широк сокак каде што денес се наоѓаат барот „Читална“ и хотелот „Ел Греко“.
Панче бил роден во 1870 година во Велес. По завршувањето на средното образование, добил стипендија од велешката општина и заминал да студира медицина во Истанбул. Откако ги завршил студиите и дипломирал, се вработил во Костур како градски и околиски лекар. Таму тој успеал да се запознае со неколку револуционери и станал дел од македонските социјалисти. За жал, работел во многу тешки услови.
Поради несогласувања со тогашната османлиска власт и неговото учество во револуционерните кругови, тој бил уапсен и однесен во затвор во Мала Азија. Таму му било дозволено да работи како лекар, а излечените граѓани го прогласиле за свој народен лекар. Дал голем придонес и во запирањето на епидемиите на колера и чума. За оваа заслуга, османлиските власти му понудиле да остане во Мала Азија. Тие му ветиле висока плата и други почести, но Панче Васков не ги прифатил. Тој бил амнестиран од султанот и се вратил во родниот Велес, каде што во 1900 година бил назначен за градски и околиски лекар.
Во Битола, најверојатно дошол за време на Првата светска војна. Тука, во оваа куќа, тој ги прегледувал и ги лечел тогашните војници. Но, кај него добредојдено било и обичното градско население. Во такви тешки воени услови, Васков своите услуги не им ги наплаќал на пациентите. Поради својата хуманост, тој кај народот станал познат како „херојот“ или „ангелот чувар“ на сиромашните. Васков, исто така, придонесол и во борбата против маларијата и туберкулозата во Битола. За својата хуманитарна дејност за време на Првата светска војна, тој добил неколку ордени и признанија.
По Војната, д-р Панче Васков се вратил во Велес каде што станал директор на градската болница. Останал директор до крајот на Втората светска војна, кога и се пензионирал. По пензионирањето, тој продолжил да живее во Велес. Таму починал во 1951 година на 81-годишна возраст.
Во меѓувреме, во неговата куќа во Битола живеела Нада Чкатрова. Таа била во роднински врски со Васков и за неа не се знае многу, освен што е спомeнувана како „вистинска битолска дама“. Денес во оваа куќа се сместени хотелот „Ел Греко“ и барот „Читална“.