Белата Касарна
Белата Касарна
Белата Касарна

Белата Касарна

Градска Прошетка 385 прегледи

Аудио водич

0:00 0:00
Белата касарна е една од двете големи битолски касарни кои функционирале до Првата светска војна. Таа се наоѓала кај денешниот стадион „Петар Милошевски“, попознат како стадионот „Тумбе Кафе“.
Кратко време по завршувањето на Црвената касарна, почнала и изградбата на Белата касарна. Се градела во периодот од 1843-1844 година. Касарната имала капацитет за вкупно 8.000 војници и 1585 коњи. Белата касарна била наменета за османлиската артилерија и коњаница и поради тоа беше позната и како Артилериска касарна. Нејзиното попознато име, пак, го добила по нејзината бела фасада.
Начинот на градење на Белата касарна веројатно бил сличен како и за Црвената, кога локалното население било плен на експлоатација од османлиските власти.
Градежниот план бил скоро ист како и за Црвената касарна, со тоа што само главниот влез бил поедноставен и бил изменет делот за коњите. Белата касарна имала квадратен облик со димензии 180 х 180 метри, со огромно пацио во кој се влегувало од осум влеза. Главниот влез гледал на североисток и објектот бил изграден со приземје и кат. На четирите агли биле изградени кули, кои, за разлика од тие кај Црвената касарна, биле на исто ниво со останатите делови. Се претпоставува дека тука биле сместени кујните, трпезариите, клубовите, како и дневните престојувалишта за војниците. Едно бочно крило од касарната служело само како коњушница. Околината била облагородена со липи и цреши и станала примамлива за чести прошетки на граѓаните. Впрочем, пред да биде изградена Белата касарна, на ова место имало ливада.
Белата касарна ја имала истата судбина како и Црвената. Објектот продолжил да се користи и од српската војска веднаш по Првата балканска војна. Во ноември 1916 година избил пожар во касарните, а од 2 јануари 1917 почнало гранатирањето на градот од страна на германските и бугарските сили. Тогаш Белата касарна била тешко оштетена, а во периодот меѓу двете светски војна била целосно уништена. Нејзиниот градежен материјал подоцна бил искористени во обнова на други објекти во Битола.
Сподели: Facebook Twitter