Некогашната градска болница „Гураба Хаста Хане“, позната и како Народна болница, се наоѓала во објект кој денес сѐ уште постои и е лоциран во близина на „Црн мост“ и битолскиот затвор. Денеска градбата е прилично видоизменета и непрепознатлива во споредба со тогаш кога била користена како болница.
Овој објект некогаш бил наменет за лекување на сиромашното население на градот. Самиот назив „гураба“ на турски значи сиромав. Болницата била изградена во 1895 година, за време на владеењето на Абдул Керим-паша во Битола. Тој бил битолски валија во периодот од 1895-1901 година и во негово време никнале и болницата за душевно болни „Тимар Хане” и болницата за кожно венерични болни „Франги Хаста Xaнe”.
Болницата била многу солидно ѕидана зграда и за тоа време доста чиста и модерно уредена. Таа се состоела од кат и приземје, со впечатлив засечен влез кој се потпирал на столбови. Карактеристично е што овој објект има многу прозорци. Во внатрешноста имала 100 болнички кревети кои му припаѓале на хируршкото и интерното одделение. Лекарската служба во болницата ја вршеле голем број битолски лекари, кои работеле по неколку часа во текот на денот. Извесно време, управник на оваа болница бил д-р Анастас Христидис. За време на бомбардирањата на градот во текот на Првата светска војна, многу настрадала и оваа болница. Тогаш нејзината работа била дефинитивно прекината и покрај тоа што со извесни поправки можела повторно да се оспособи за својата намена.
Меѓу двете Светски војни болничката зграда била претворена во термоцентрала. Оттогаш почнале и доградувањата кои ја измениле формата на објектот. За време на СФРЈ до неа беше изградена фабриката за трикотажа „Пелистер“ и болницата стана дел од комплексот. За потребите на фабриката, карактеристичниот засечен влез беше доѕидан со што овој објект ги изгубил своите архитектонски особености. Фасадата била потполно променета, а дел од прозорците биле заѕидани. Со тоа османлиската болница за сиромашни денес е сведена на непрепознатливост, иако е прилично добро зачувана како објект во целина.
Моментално овој објект е засолнет од погледот на сите љубопитни граѓани и е уште еден голем репрезентативен објект кој сѐ уште го нема добиено своето значајно и заслужено место од историјата на нашиот град. Ден-денес немаме сознанија дали истата е под заштита на културното и историско наследство од Заводот на Р. С. Македонија.