Стариот Италијански Конзулат
Стариот Италијански Конзулат
Стариот Италијански Конзулат

Стариот Италијански Конзулат

Градска Прошетка 358 прегледи

Аудио водич

0:00 0:00
Во близина на некогашниот Камен мост во Битола, на улицата „Солунска“ бр. 226 се наоѓа објектот во кој бил сместен стариот Италијански конзулат. Градбата била изградена на крајот на XIX и почетокот на XX век.
Според архитектонските карактеристики, овој објект припаѓа на стилот - еклектична градба со неокласични елементи (тимпанони, капители и сл.). Северната и источната фасада се исполнети со симетрично распоредени отвори, со тимпанони над прозорците на катот, со богата профилација која е застапена и околу прозорските венци. Концепциски е решен со визба, приземје и кат. Приземјето со визбата се одделени со меѓукатен венец, а истото е направено и меѓу првиот и вториот кат, како и кровниот венец кој е богато профилиран.
Италија во 70-тите години од XIX век, водела свои војни и се соочувала со проблеми при своето обединување. Поради тоа, таа немала изградено своја политика и стратегија кон Источното прашање, односно кон Балканот и кон „Болниот на Босфорот“, како што била нарекувана Османлиската Империја. Меѓутоа, во последната деценија од XIX век, Италија била привлечена кон Балканот со изградбата на патни, рударски и други објекти за економски потенцијали, особено со започнувањето на изградбата на железничката линија Солун – Битола во 1894 година. Италијанското Кралство вработило преку 1500 луѓе кои би работеле како рудари, ѕидари, надничари и друго во европска Турција и за да го реализира тоа, покажала интерес за отворање на конзулат во Битола.
Италијанската влада донела декрет за отворање на конзуларно претставништво во Битола, што се остварува на 8 април 1895 година. Како прв нивни претставник дошол Џузепе Росет. На почетокот конзулатот се наоѓал во друга градба која денес може да се види покрај реката Драгор, на булеварот „Први мај“ бр. 35, лево од Гимназијата „Јосип Броз-Тито“.
Во периодот од отворањето на Италијанскиот конзулат, со извесни прекини од 1918 до 1927 година, во Битола престојувале 22 конзули и вицеконзули. Интересен е фактот дека Италија меѓу последните отворила конзулат во Битола, но таа е и една од последните што го затворила. Италијанскиот конзулат во Битола, ја прекинал својата работа во 1945 година, а последен конзул бил Аугусто Кастелани.
Сподели: Facebook Twitter