Офицерски Дом
Офицерски Дом
Офицерски Дом

Офицерски Дом

Цркви и Манастири 377 прегледи

Аудио водич

0:00 0:00
Домот на Армијата, попознат како Офицерскиот дом, е споменик на културата на Битола и на Македонија. Се наоѓа покрај самиот крај на Широк сокак, во близина на Музејот и Градскиот парк.
Неговата изградба започнала во 1909 година, но набрзо потоа Битола ја зафатиле Балканските војни и Првата светска војна. Се смета дека во проектирањето на Домот работеле архитекти од Италија, Австроунгарија и Русија. Oбјектот бил довршен во 1919 година. Архитектонскиот израз на објектот е карактеристичен за периодот на историцизмот во европската архитектура, во смисла на план, украси и композиција на маси. На објектот во голема мера се нагласени и ориентални, односно „маварски” елементи. Појавата на овие елементи во Битола е нормална кога се работи за објекти градени во периодот на османлиското владеење. Концепциски објектот е замислен како синтеза на палата и тврдина. Елементите карактеристични за палата се во конципирањето на просторот и масите, a елементите карактеристични за тврдина се видливи во монументалното просторно потенцирање на масите од трансептите и секундарната декоративна пластика изведена во вид на топовски цевки.
Офицерскиот дом најпрво, но многу кратко време, бил користен од османлиската војска. Потоа, одредено време српската војска го користела како магацин за оружје и муниција, а пред Втората светска војна како офицерски дом. За време на Втората светска војна тој бил употребуван од бугарската војска.
По ослободувањето на градот, Офицерскиот дом го користи југословенската армија, во чие време бил „златниот период“ на објектот. Тогаш во него биле организирани балови, игранки и други манифестации. Во 1963 година во салата за балови бил донесен луксузен лустер, кој претходно бил сместен во скопскиот Офицерски дом, а кој настрадал за време на земјотресот.
По прогласувањето на независноста, објектот кратко време се користел и од страна на македонската војска. По напуштањето на Офицерскиот дом од страна на АРМ, била реновирана само нејзината фасада. Објектот долго време не функционираше, сѐ до неговото реновирање во 2021 година. Денес Офицерскиот дом има културна намена и се употребува за организирање различни манифестации, како фестивали, концерти, изложби и слично.
Сподели: Facebook Twitter