Кај месноста денес наречена Старата болница, а пред да биде изградена населбата, некогаш постоело едно мало црквиче посветено на Свети Јован Богослов. Црквата најверојатно се наоѓала во близина на објектот на Богословијата, во паркчето помеѓу двете паркиралишта.
Црквичето било дел од комплексот на болницата, која била една целина од повеќе градби, меѓу кои и Богословијата и едно паркче со чешма. Денес од комплексот на Стара болница останаа само објектот на хируршкото одделение, кој сега е дел од НУУБ „Св. Климент Охридски“ - Битола и објектот во кој денес е сместен хотелот и ресторан „Премиер Центар“. Постои и објектот на Богословијата, во кој некогаш се наоѓало интерното одделение, а сега е напуштена градба во сопственост на МПЦ.
Црквичето „Св. Јован“ било релативно ново. Тоа било изградено во 1937-1938 година и претставувало првиот православен храм посветен на Свети Јован во Битола. Црквата имала квадратна основа со апсида и централна осумаголна купола на квадратен тамбур. Имала трем со колонада којшто го заобиколувал црквичето од трите страни, освен на источната кајшто се наоѓала апсидата.
Влезот на црквата бил нагласен со три лака и натпис на фасадата над лаковите. Столбовите на тремот биле едноставни и со квадратна основа. Од архитектонски аспект, црквичето припаѓало на стил во кој се вкрстуваат модерното и традиционалното, со отфрлување на ориенталните фасадни елементи. Таа го застапувала концептот на чиста, и едноставна геометризирана фолклористичка форма.
Во внатрешноста на црквата имало столбови кои завршувале со развиен капител. За зацрвстување на конструкцијата биле користени дрвени затеги. Во централната купола била изведена рамна дрвена таваница, обработена во геометриски полиња со вметнување на елементи од боено дрво. Истата имала скромен иконостас и голема е веројатноста таа да била без фрески. За жал други податоци за нејзината внатрешност немаме.
Црквичето „Св. Јован Богослов“ било срушено во 1976 година. Градбата била урната без претходно да биде изработена техничка документација. Поради тоа, денес располагаме со многу малку информации за неа.