Куќата на Павел Шатев, поточно куќата во која бил притворен Павел Шатев, се наоѓа на улицата „Томаки Димитровски“ бр. 18, пред ресторанот „Гала Гарден“ и позади хотелот „Епинал“. Најверојатно била изградена на почетокот на XX век, меѓутоа денес немаме многу податоци во врска со овој објект.
Се претпоставува дека куќата се изградила како објект за конзуларно претставништво. Според некои приказни, во оваа градба живеела италијанска конзулка која во дворот негувала една од најубавите цветни и овошни градини во градот.
После Втората светска војна објектот бил национализиран и бил во употреба од страна на УДБА. Во оваа куќа, по неговото апсење во 1950 година, бил сместен Павел Шатев. Тука тој живеел во куќен притвор сѐ до јануари 1951 година. Во тој период објектот бил во многу лоша состојба. Бил скоро напуштен, имало влага, а бил без вода и струја. Поради тешките услови во кои престојувал, Павел Шатев тешко се разболел. Неколку дена од кога бил ослободен, не успеал да се излечи и починал на 30. јануари 1951 година.
Павел Шатев бил македонски револуционер, еден од Солунските атентатори, попознати како „Гемиџии“. Бил роден во Кратово во 1882 година и завршил средно образование во Солунската бугарска машка гимназија во 1900 година. Додека престојувал во Солун, Шатев станал дел од солунските анархисти. Како дел од „Гемиџиите“, Павел имал важна улога во терористичките напади кои тие ги организирале. Особено се истакнал кога бил задолжен со динамит да го потопи францускиот параброд „Гвадалкивир“. Акцијата Шатев успешно ја извршил и на 28. април 1903 година бродот бил уништен. Веднаш потоа почнале и низа други напади кои ги извршиле Гемиџиите во Солун.
Наскоро, Павел Шатев, заедно со други атентатори, бил уапсен од османлиските власти и добил доживотна казна затвор во Солун. Во 1906 година бил преместен во затвор во Сахара, но во 1908 година, по Младотурската револуција, добива амнестија и се вратил во Солун. Потоа заминал да студира на Правниот факултет во Брисел, а по завршувањето на студиите се вклучил во политичкиот живот на македонската емиграција во Бугарија.
Во 1941 година бил уапсен по вторпат, овојпат од бугарските власти. По ослободувањето, станува дел од АСНОМ и бил избран за прв министер за правосудсво на С.Р. Македонија во 1945 година. По Резолуцијата на Информбирото во 1948 година, Шатев станува дел од сталинистите и бил по трет и последен пат уапсен, сега од југословенските власти.