Црвената касарна е една од двете големи битолски касарни кои функционирале до Првата светска војна. Таа опфаќала огромен простор, односно од денешната спортска сала „Боро Чурлевски“ и нејзиниот паркинг, се простирала кон југозапад, накај денешните нови населби. Овој простор ден-денес го задржа топонимот Касарната или Касарните.
Црвената касарна била изградена во 1837-1838 година, кога гувернер и командант во Битола бил Ќосе Ахмет-паша. Архитект на објектот бил Стојан Везенков, кој за добро завршената задача, добил одликување од султанот и бил назначен за званичен турски архитект. Според Мехмед Тефик, кога била градена Црвената касарна, сите мајстори од градот и од нејзината околина биле повикани во Битола и постојано биле ангажирани во нејзината изградба. Сите жители на Битола биле натерани да носат камења, земја, дрвена граѓа и останати материјали потребни за ѕидање. Споменатиот Ахмед-паша, пак, од една кула што наредил да биде изградена на средина на споменатата касарна, со пушка во рацете лично им се заканувал на мајсторите кои не работеле како што треба. Благодарение на заканите од Ахмед-паша, во рок од шест месеци била изградена и комплетирана касарната со придружните објекти, чиј капацитет изнесува осум батаљони војска.
Црвената касарна била наменета за османлиската пешадија. Поради тоа беше позната и како Пешадиска касарна. Нејзиното попознато име, пак, го добила по фасадните препечени црвени тули од кои била изградена.
Касарната имала квадратен облик со димензии 180 х 180 метри, со огромно пацио во кое се влегувало од осум влеза. Раскошниот главен влез гледал на североисток, а на спротивната страна имало обичен влез кој служел за комуникација со помошните објекти. Била изградена со приземје и еден кат. Првиот кат над главниот влез бил изведен на столбови и се истакнувал со османлиска атика и бројни архитектонски украси кои оставале особен впечаток. Во овој дел се наоѓале командните канцеларии. На четирите агли биле изградени кули кои се издигале еден кат над останатите делови. Се претпоставува дека истите служеле како кујни, трпезарии, клубови и како дневни престојувалишта за војниците. Зад касарната била изградена коњушница за коњите на офицерите.
Касарната продолжила да биде користена и од српската војска веднаш по 1912 година, а во 1914 година, на платото пред неа, била извршена и свечена регрутација на српски војници. Црвената касарна била тешко оштетена за време на Првата светска војна, а во периодот меѓу двете светски војни била целосно срушена за материјали искористени во обнова на други објекти во Битола.