Камен Мост
Камен Мост
Камен Мост

Камен Мост

Градска Прошетка 424 прегледи

Аудио водич

0:00 0:00
Камениот мост во Битола се наоѓал на местото каде денес се вкрстуваат Широк Сокак и улицата „Солунска“. Тој најверојатно бил изграден во XIX век кога биле изградени коритата на реките Драгор и Курделес и постоел сѐ до 70-тите години од минатиот век.
Камениот мост бил карактеристичен поради стариот стил на градба од камен, при што претставувал последниот камен мост во градот Битола. Тој ги поврзувал двете страни на Широк Сокак, кои биле одделени од коритото на реката Курделес.
Реката Курделес, наречена и Курдерес, извира од Баба Планина. Често се случувало да надојде многу вода низ нејзиното корито и да ги поплави уличките кои се наоѓаа на нејзиниот пат. Името Курделес има турско потекло и значи „Волчји Поток“ (kurt – волк; deresi – поток). Името го добила бидејќи, за време на долгите и студени зими во Битола, неретко се случуваше волците преку неа од шумите да стигнат во градот во потрага по храна.
Иако, како што спомнавме, Курделес беше озлогласена по поплавите, сепак во една прилика буквално ја спасила Битола од уништување. Во 1922 година се случи еден ужасен настан кога „Битола била гранатирана од невидлив бомбардер“. Всушност, експлодирал склад на муниција, кој се наоѓал на отворено кај денешниот Градски парк. На 18 април 1922 година, од непознати причини, српскиот војник Иван Травиќ со чекан удрил една од гранатите и ја предизвикал масовната експлозија. Голем број гранати летнале и ги „бомбардирале“ околните објекти, а некои од нив предизвикале и голем пожар. Со цел да се спречи пожарот кој беснеел кај денешно Шеталиште, градските власти ископале ново корито на Курделес и ја пренасочиле реката кон касарните. Нејзините води го изгаснаа огнот, меѓутоа предизвикаа поплава под Тумбе Кафе.
Со изградбата на доводниот собирен канал за Стрежевското Езеро, водите на Курделес биле регулирани и нејзиното корито ја изгубило својата функција. Реката имала незначителна количина на вода и често пресушувала. Коритото станало отворен канал од кој се ширела неподнослива смрдеа и било извор на зарази, особено во летниот период. Поради тоа, во 1975-1976 година била поставена канализација и било целосно затрупано коритото на реката Курделес. Од реката останато е само коритото кое ја спаси Битола од големиот пожар. Денес Курделес течи покрај улицата „Петнаестти Корпус“ и под ридот Тумбе Кафе.
Со асфалтирањето на старото корито на Курделес, беше урнат и Камениот мост. Денеска, ова име сѐ уште постои како топоним, кој го означува местото каде што се наоѓаше мостот и местото каде што течеше бесниот Курделес.
Сподели: Facebook Twitter