Објектот во кој денес е сместена Националната установа - Завод и музеј Битола, некогаш бил објектот на Воената академија. Денес, тој претставува регистриран споменик на културата. Градбата била изградена како Средно воено училиште во 1848 година, во времето кога градот Битола бил воен, административен, политички и трговски центар на европска Турција.
Средното воено училиште постоело до 1900 година, кога било трансформирано во Воена академија и како такво работело до 1909 година. Од 1909 до 1912 година служело како Високо воено училиште – Воена гимназија. Меѓу познатите кадети кои се едуцирале тука се и Мустафа Кемал Ататурк, основачот и првиот претседател на модерна Република Турција и Нијази-бег, кој бил еден од водачите на Младотурската револуција во 1908 година. Еден од професорите кој предавал во училиштето, пак, бил Мехмед Тевфик, турскиот историчар кој ја напишал првата историја на Битола („Кратка историја на Битолскиот вилает“, 1910).
Од архитектонски поглед зградата претставува синтеза на западната и ориенталната архитектура. Воената академија била моќна и цврста градба со изобилно употребен мермер. Се состои од приземје и кат. Над главниот влез има долг балкон, врз кој се извишува грбот на Османлиската Империја, изведен како релјефна декорација на фасадата. Под балконот стои обоен натпис на арапски јазик, со два глобуса на неговите две страни. Објектот имал четири влеза, по еден од секоја страна, од кои се влегувало и во тн. пацио. Во склоп на објектот постоел интернат, сместен на долниот кат и се состоел од добро уредени спални, опремени со англиски железни кревети, комоди, кујна и трпезарија.
Од Балканските војни до 1974 зградата била користена како касарна, од каде потекнува и народното име на овој објект „Старата касарна“. Сепак, објектот не треба да се меша со Црвената и Белата касарна, објекти со далеку поголеми димензии, кои се наоѓале во непосредна близина. Од 1976 година објектот добил нова намена и во него се сместува Националната установа – Завод и музеј Битола и во еден помал дел, јавните претпријатија „Водовод“ и „Катастар“