Буковскиот манастир се наоѓа во близина на селото Буково, јужно од Битола. Претставува православен комплекс составен од црква, камбанарија, голем двор, конаци, спомен соба и други придружни објекти. Тој е лоциран на 2 километри јужно од Буково, меѓу селата Горно Орехово и Крстоар. Сместен во густа, живописна шума, манастирот претставува познато излетничко место за локалното население.
Буковскиот манастир бил основан во 1837 година, а во 1845 година имал и два монаси. И покрај тоа што денес веќе не е активен, тој во минатото опстојувал како еден од поголемите монашки и духовни центри во битолско. На почетокот на XX век, манастирот бил омилено место на рускиот конзул Александар Аркадиевич Ростковски, кој го изгубил животот во 1903 година. Во негова чест, тука е отворена и спомен соба. За време на грчката верска и вооружена пропаганда во Македонија, од 1904 до 1908 година, Буковскиот манастир бил главна база на андартите во Пелагонија.
Во центарот на манастирскиот комплекс е сместена црквата „Преображение Христово“ позната и како црквата „Св. Сотир“. Од архитектонски аспект претставува комбинација на трикорабна базилика и впишан крст со купола, која се издигнува од централниот дел на храмот. Во храмот се влегува преку влезовите поставени на јужната, западната и северната страна. Над западниот влез е исклесан натпис во кој се споменува годината 1837 како време на завршување на изградбата.
Во наосот вниманието го привлекуваат масивните столбови, поставени во два реда (по четири) и меѓусебно поврзани со полукружни арки. На тој начин се потпрени сводните површини од трите издвоени кораби. Низ осумстраниот тамбур, осветлувањето е обезбедено со прозорци. На масивните ѕидни површини во внатрешноста не се сочувани траги од живопис. Иконостасот е направен како комбинација на делови од постар иконостас во резба. Иконите се сликани во период од приближно педесет години. Според натписите датираат од 1862 до 1881 година, а еден дел се сликани во 1908 година. Многу значајна содржина на храмот е целиванието, кое е украсено со резба. Ова дело, со високото ниво на уметничка обработка и многуте претстави изрезбани на мал простор, претставува врв на достигнувањата на дрвената резба од првата половина на XIX век во битолско.