Св. Атанас Смолево
Св. Атанас Смолево
Св. Атанас Смолево

Св. Атанас Смолево

Цркви и Манастири 302 прегледи

Аудио водич

0:00 0:00
Црквата „Св. Атанас“ е дел од манастирски комплекс кој се наоѓа на местото на некогашното село Смолево, западно од Тумбе-кафе, во близина на битолската населба Стрчин.
Смолево било село на Баба Планина, југозападно од Битола, меѓу денешните села Лавци и Буково. На тоа место денес постои само манастирот „Св. Атанас“, кој воедно е и една од омилените локации за кратки прошетки и излет на битолчани. Од населбата Стрчин (која е најблиску до манастирот), до „Св. Атанас“ води земјен пат со должина од 1,3 километри, кој е погоден за теренски возила, велосипедисти и пешаци. Манастирот има добро уреден двор со маси и клупи и извор со чиста и ладна планинска вода. Црквата била изградена во 1859 година од страна на фамилијата Скантели во близина на нивниот имот во селото.
За време на Првата светска војна, селото и манастирот биле скоро уништени. По војната, црквата „Св. Атанас“ била обновена од фамилијата Скантели, чии предци ја изградиле пред шеесетина години. По осветувањето на црквата се одржале литургија и забава на кои присуствувале голем број луѓе од Битола и од околните села. Во вилата на Скантели, која се наоѓала во близина, бил приготвен свечен ручек, а потоа била организирана и прошетка со коњи.
Скантели била богата и угледна битолска фамилија. Од нив посебно се издвојува Никола Скантели кој бил позната личност и реномиран доктор во Битола. Неговиот татко Константин бил инженер по агрономија и починал млад во Мадагаскар. Никола, пак, на почетокот работел како очен лекар во Солун, а потоа отворил и очна клиника во Битола. За време на Втората светска војна тој заминал во партизани, каде учествувал како воен лекар. По ослободувањето, продолжил да работи во својата клиника, а во 1950 година се преселил во Ниш, Србија, каде што работел во Очниот оддел од Воената болница, во која две години подоцна станал шеф.
Денес, на местото на некогашното село Смолево, останат е само манастирот со црквата „Св. Атанас“, а во нејзина близина има остатоци од гробишта, мотокрос-патека, остатоци од Југословенската народна армија и чешма со клупа во шумичката, јужно од црквата.
Сподели: Facebook Twitter

Локација

Види на мапа